Forever Macedonia
macedonia.ucoz.com
Thursday, 2024-03-28, 6:01 PM
Дома | Профил  | Log In Welcome Guest | RSS
Мени
Section categories
Античка Македонија [4] mreza.mk [2]
ЛЕГЕНДИ [12]
Анкета
Оценнка за мојкот сајт
Вкупно одговори: 259
Chat macedonia
Статистика

Total online: 1
Guests: 1
Users: 0
Home » Site Catalog » Историја » ЛЕГЕНДИ

Sites in category: 12
Shown sites: 1-12

Sort by: Date · Name · Rating · Clicks

Роден е во 1865 година во Крушево, во нерамноправна, но херојска борба, на 13 август 1903 година, бранејќи го Крушево и легендарната Крушевска Република, загинал заедно со борците од својот одред.

Во македонската историја се споменуваат низа светли ликови на револуционери и видни граѓани кои учествуваа во подготовките и дигањето на Иленденското востание, во раководењето со востаниците, како и во одбраната на Крушевската Република. Помеѓу сите тие светли ликови на бестрашни бранители во одбраната на Крушевската Република, се издвојува личност која со своето јунаштво ќе се издигне над сите, а кој народот во своите песни ќе го овековечи за век и веков.

Јунакот од илинденското востание, конкретно од борбите за одбраната на Крушевската Република, чиешто име е овековечено во македонската народна песна, е името на Питу Гули (Гуле). Ова секако се должи, пред се, на фактите дека единствено Питу Гули, според сеќавањето на Наум Томалевски, на последното советување во Штабот решително го отфрлил предлогот за предавање на градот и со своите борци се спротивставил на многуилјадната војска на Бахтијар-паша, како и фактот дека љубовта спрема својот град, Републиката и слободата ја платил со животот на своите соборци и со својот живот.

pitu guli (5)Денес споменикот “Мечкин Камен”, востаник со високо подигната карпа над главата, кој ги преставува последните мигови на борбата, го одбележува местото на кое легендарниот Питу Гули (Питу Гуле) со своите соборци загина чесно, херојски, во одбрана на Крушево и Крушевската Република, исполнувајќи ја заклетвата и заветот испишан на воениот бајрак “Слобода или смрт”.

Илинденското востание во 1903 и Крушевската Република преставуваат една од најзначајните епопеи во историја на македонскиот народ во борбата за национално ослободување и македонската самобитност. На ден Илинден, 2 август 1903 година, во Крушево, македонските востаници започнаа да ги испишуваат страниците на македонската историја за првата демократска република на Балканот. Тоа беше време на значајни, големи настани за македоноската државност и самобитност. Тоа беа настани исполнети со народни страдања, борба, јунаштва, време кога на своите потомци им се оставаше аманет за верата, надежта, љубовта, за непокорот и вечноста, за незаборавот.

Опеано во македонската народна песна, името на Питу Гули, станува легенда, синоним за бестрашен борец, верен до смрта на македонското ревулуционерно дело. Иако името на Питу Гули е трајно вкоренето во паметењто на македонскиот народ, сепак нема доволно биографски податоци кои го осветлуваат неговиот животниот пат и ревулуционерно дело. Изворните податоци расфрлени низ литературата, разните списи и мемоарски дела на неговите современици, ќе им овозможат на историчарите да направат краток осврт на неговиот живот.

pitu guli (4)
Четата на Питу Гули во 1903 година кај селото Бирино

Постојат две верзии за годината кога е роден Питу Гули. Во првата, дека е роден 1868 година и втората која изгледа е поверодостојна и која тргнува од фактите дека Питу бил врсник на Пере Тошев и Ѓорче Петров и дека загинал на Мачекин Камен на 38 годишна возраст, по што се претпоставува дека Питу е роден во 1865 година, во Крушево. По народност бил од влашко, ароманско потекло.

По кратко време поминато на печалба, од Софија заминува за Ќустендил, каде се приклучува на Калмиковата чета, која се состоела од 120 четници. Во мај 1885 година со четата се префрла во Македонија, а откако била разбиена а Питу Гули бил фатен, тој е осуден во Солун на 7 години затвор. Од затворот “Беаз Куле” (Белата Кула) во Солун, Турците по три и пол месечен пат, го префрлаат во затворот на градот Аргале Маден, каде ја одлежал целата робија.

Питу Гули се вратил во родниот крај во 1894 година, и се вклучил на Внатрешната македонска револуционерна организација. Отворил кафеанче во месноста Ќошкот, кај Влашка Корија. Зачленет во Организацијата и поврзан со нејзината мрежа, крушевското меанче го претворил во сигурен јатак за организационата чета на Дуко Тасев, другарот од заточеништво. Преку него крушевската организација ги одржувала врските со четите на ВМРО. Во 1895 или 1896 година, тој се оженил со крушевчанката Евгенија, ќерка на сточар од Крушево. Во бракот со Евгенија имале четири деца – три сина и една ќерка.

pitu guli (3)
Задружените чети во Ќустендилско

Околу 1900 година Питу Гули повторно заминува на печалба во Софија. Отворил на периферијата од градот скромна гостилница која станала сврталиште на македонските емигранти и комити. Питу Гули во Софија останал до март 1903 година, кога по вторпат, сега веќе како војвода на чета, тргнал за Крушевско. Учествувал во ослободувањето на Крушево и командувал со голем одред кој водел борба за освојување на турската касарна. Кога турската повеќеилјадна војска почнала да го напаѓа градот, Питу Гули качен на бел коњ тргнал со своите 370 борци да го брани Крушево и Републиката кај месноста Мечкин Камен. И покрај неравноправната борба со помоќниот повеќеилјаден аскер, во херојска борба со своите соборци на позициите останал до самиот крај и замина во легенците на 13 август 1903 година.

ЛЕГЕНДИ | Transitions: 0 | Date: 2017-03-01

Груев не отстапил и пред силата на аргументите и пред инсистирањето на Делчев. Преземајќи ја фаталната одговорност, разговорот со Делчев ќе го заврши со зборовите: „Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!“ Сигурно бил свесен за сите околности околу Востанието, но и за тоа дека Македонија, последна на Балканот, ја добива шансата да биде ослободена и да формира, по долго време, своја држава. Сепак, Илинденското востание, со кое практично раководеше тој, ќе остане забележано како восташе во кое е формирана првата република на Балканот.

pocinat dame gruev

На Смилевскиот конгрес одржан на почетокот на мај со кој претседавал Груев, бил избран Главен востанички штаб на Битолскиот револуционерен округ. Меѓу членови на Главниот штаб, Анастас Лозанчев, Борис Сарафов, бил избран и Даме Груев, кој бил задолжен за бранење Смилевското подрачје. Учествува во донесувањето на одлуката за датумот на кревање на Илинденското востание. Самиот чин на кревање на востанието на 2 август 1903, Даме Груев го доживеал како историски миг за македонскиот народ, кој бил решен по секоја цена да се бори и да се избори за слобода и за своја држава. Но во борбата за национално ослободување ги доживеал и ужасите на страдањата на својот народ. На 14 август одбраната на Смилево била пробиена, а востаниците заедно со народот се повлекле на повисоките места на Бигла планина.

По неколкумесечните исцрпувачки борби со огромната, модерно вооружена непријателска армија, Главниот востанички штаб донел одлука за запирање на Востанието со цел народот да се поштеди и да се зачуваат силите и кадрите на движењето. Духот на Востанието ќе се преточува и за време на НОБ, кога, покрај другото, и многу партизански единици ќе ги добијат имињата на великаните од илинденскиот период: Гоце, Даме, Јане… Илинден ќе стане симбол на македонскиот непокор и светилиште за сите оние, без оглед на народноста и други предзнаци, на кои слободата им е во преден план.

Гробот_на_Даме_во_Русионово
Даме си остана чист македонски национален револуционер. Веруваше дека Европа ќе помогне во ослободувањето на Макеоднија. Но како и други пред него се излажа. По Востанието Груев останал во Битолско со народот за да работи на консолидирање на Организацијата. Се застапувал да продолжи да функционира Организацијата, централизирана како тајна држава во османлиската држава, како „подземна Република“. Во 1905 година претседавал на Општиот конгрес на Револуционерната организација и бил избран за член на Централниот комитет. Сакал да се надминат поделбите но постигнатото единство на Конгресот траело кратко. Груев одлучил да се врати на теренот во Македонија. Загинал во борбата на врвот Петлец кај с. Русиново (Малешевско). Населението од Русиново го погребало во дворот на селската црква. Подоцна неговите телесни останки биле пренесени во с. Смилево.

ЛЕГЕНДИ | Transitions: 0 | Date: 2017-03-01

Дамјан Јованов Груев – Даме (с. Смилево, Битолско, 19. I 1871 – врв Петлец, кај с. Русиново Малешевско, 23. XII 1906) – Револуционер и национален деец. Револуционер со душа и со срце, верен на идејата од која се водеше, за која се бореше и за која загина – ослободување на македонскиот народ. Целиот свој живот беше со народот, првенствено како негов учител, а потоа и како еден од основачите на Внатрешата македонска револуционерна организација. Даме беше столбот на кој се потпираше народноослободителното движење, посебно Внатрешната македонска револуционерна организација. Тој беше инспиратор и организатор на народноослободителната борба во тој период, посебно на Илинденското востание во 1903 година.

Само неколку личности од илинденскиот период во народот останале врежани како нивни апостоли и водачи. Првиот апостол е Гоце Делчев, а вториот е Даме Груев. Еден со друг се надополнуваа. Мајка им беше Македонија. Целиот свој живот и го посветија, и на олтар го положија, загинаа за Македонија.

Smilevo

Даме груев е роден во 1871 год. во с. Смилево, Битолско. Татко му Јован бил по професија ѕидар. Се претпоставува дека имал мијачко потекло, од с. Селци. Основно учлшпте завршил во родното село. а гимназија, од I до IV клас, во Битола, од V и VI клас во Солун, во машката гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Во 1887/1888 година учествувал во големиот бунт на учениците на солунската гимназија, за запирање на бугаризацијата и за настава на македонски народен говор. Во јануари 1888 година, заминува со поголема група од 19 души, меѓу кои Петар Поп Арсов, во Белград. Образованието го продолжува во Гимназијата во Белград, каде учествува во бунтот против режимот на србизација на македонските ученици. Во 1891 година оди во Софија, каде студира историја на Високото училиште.

Идејата Даме целосно да се посвети на македонското дело, особено доаѓа до израз за време на неговите студии во Софија. Верен на идејата која го водеше, за афирмирање на македонската национална посебност и за одбрана на македонските национални интереси, со неколку македонски студенти формирал група, која дејствувала под името Млада македонско книжевна дружина (ММКД). Група во која биле Петар Поп Арсов, Пере Тошев, Иван Хаџи Николов и др., го издавала списанието “Лоза”.

Во Софија со неколку истомисленици од кругот околу „Лоза“, создаваат „Дружба“ , чија цел им е по завршувањето на учењето да се приберат во Македонија, каде имаше голема потреба од сили на интелигенцијата. Среде тој интимен круг се раѓа идејата да се издигне револуционерна организација во Македонија. Во Софија главните членови на „Дружбата” беа Хр. Поп Коцев, Д, Мирчев, Никола Дејков и Поп Арсов, кои со Даме се стремеа да бараат примена на член 23 од Берлинскиот договор.

Даме Груев, кој во овој период е доста активен (членува и во социјалистичката група), станува сомнителен и по убиството на бугарскиот министер за финансии Христо Белчев, веднаш бил затворен заедно со неколку другари. Во затвор поминува 15 дена, по што бил ослободен. Во меѓувреме додека бил во затвор, поради неговите напредни идеи, агитирањето и одбивањето да служи војска, Даме груев во 1891 година бил исклучен од Високото училиште.

dame_gruevВеднаш по излегувањето од затвор, Даме Груев во април 1891 година се вратил во Македонија. Кога доаѓа во Битола, одвај имал 20 години, но веќе имал јасна свест за тоа што треба се направи за остварување на големата идеја за ослободување на Македонија. Формирал револуционерно друштво од младите учители. Слично како и во Софија, Даме уште во текот на летото во Битола формира „Дружба”, во која на почетокот беа: Лука Џеров (од Битола, беше заврпшл V или VI клас во солунската гимназија), Неделко Дамјанов (од Битола, учигел), Дуртанчев (учител, род. од Битола), Никола Кочов (учител од Битола) и др. Пристапиле кон изработка на устав, но тогашниот архнмандрит, владиката Козма, го попречил натамошното јакнење на Дружбата.

На Груев не му било дозволено да остане во Битола, па откако бил назначен за егзархиски учител во родното место, прво заминува во Смилево каде држи Школо за возрасни, а потоа, во 1892 година, заминува во Припеп. По доаѓањето во Прилеп, Даме наидува на козервативна средина кај неговите колеги, учители, кои го попречуваат во неговата револуционерна дејност. Набрзо сфатил дека за развивавње на револуционерната свест треба плодна почва, а во тоа време, најпогоден бил Солун затоа во летото 1893 година се вратил во Солун каде работи како коректор во печатницата на Коста Самарџиев.

Груев со Петар Поп Арсов и со Иван Хаџи Николов формирале Македонска револуционерна група во која влегле: Андон Димитров, Христо Батанџиев (двајцата учители) и д-р Христо Татарчев (лекар) и ги поставиле основите на Македонската револуционерна организација. Даме бил иницијаторот за основачката средба на ВМОРО на 23 октомври 1893 година во Солун, а на конститутивниот состанок на 7. I 1894 година Груев станал прв секретар на Централниот Комитет.

Одамна свесен дека без културна слобода и издигнување нема ни национално ослободување, од Солун во 1894 година заминал во Штип како главен учител во трикласно училиште. Тука за првпат се сретнал со Гоце Делчев (учител во штипското Ново Село) и Туше Делииванов. Како учител, близок до народните маси, заедно со неговите истомисленици, работел на организирање на населението за остварување на долгоочекуваниот сон. Во летото 1894 започнал да ги формира првите ревулуционерни комитети.

Gruev_Razvigorov_Chuchkov_Babata

По разговорите во Софија со раководството на Врховниот комитет на македонската емигрантска организација во Бугарија и во Цариград со егзархот во 1895 година се уверил дека Македонската револуционерна организација не само што неможела да смета на поддршка туку и претстоело жестоко конфронтирање. Од основањето на тајната македонска револуционерна организација и првиот Централен комитет, цели шест години Груев неуморно ја обиколува Македонија и го организира населението примајќи нови приврзеници, според прописите на Уставот.

Во 1895 година бил назначен за училишен инспектор и се враќа во Солун. Се активира во работењето на Организацијата со што го воведува шифрарникот. Османлиските власти во 1898 година го протерале во Битола, каде што бил уапсен во месец август 1900 година, во врска со Попставревата афера. Осуден бил на 10 години затвор. Од затворот во Битола ја продолжува својата активност. Одржувал врски, давал инструкции и раководел со Месната организација. Во мај 1902 година, бил префрлен од Битола во затворот во Подрум-Кале (Мала Азија), каде што бил заедно со Христо Татарчев и Христо Матов. Десет месеци потоа (март 1903) бил амнестиран и се вратил во Македонија (во Смилево). Кратко време потоа заминал во Солун, каде што имал средба со Гоце Делчев. Делчев никако не успеал да го наговори Груев за отповикување на јануарската одлука на ЦК на ТМОРО за кревање неподготвено востание.

ЛЕГЕНДИ | Transitions: 0 | Date: 2017-03-01

Ја поминав 60-тата но сеуште работам и ќе работам додека можам, зашто во својата работа наоѓам егзистенција за живот и едно длабоко уживање кое го има во секој човек кога може да твори и да дава нешто од себе“ – рекол Ѓорѓи Јаковов Зографски, еден од најзначајните македонски зографи, следбеник на творештвото на Димитар Андонов Папрадишки, кој живеел од 1871 до 1945 година и со чиј премин во профаното сликарство започнал и новиот период во развојот на ликовната уметност во Македонија.

Ѓорѓи Зографски потекнува од Рензовско-Зографскиот род, од мијачкото село Тресонче, кој спаѓа меѓу најстарите родови од Река што се занимавале со градителство, зографство, иконопис и копаничарство. Се родил во 1871 година во село Папрадиште, Велешко. Тој е директен потомок на познатата зографска, резбарска и градителска фамилија на Дамјан Јанкулов (1770 – 1830). Неговиот татко Јаков бил мајстор – градител, резбар и живописец.

Основно образование завршил во родното место, учејќи азбука и читање од стари старословенски книги од кои поголемиот дел биле од црковен карактер. Од најраното детство Зографски почнал да го придружува својот татко на неговите печалбарски патувања со цел да го учи зографскиот занает. Во 1884 година кога имал 13 години, неговото семејство се преселува во Велес.

Портрет_на_Ѓорѓи_Зографски
Во 1887 година, рускиот конзул во Призрен, Иван Јастребов, кој имал можност да ги види неговите сликарски работи, изјавил желба да го прати на школување во Русија. Но, настојувањата на 16 – годишниот Зографски да „учи и да ја види Русија” не биле во согласност со патријархалните разбирања на неговите родители. Благодарение на поддршката од неговиот роднина Диме Андреев, кој во тоа време ја градел црквата „Свети Ѓорѓи” во Призрен, тој успеал да ги убеди своите родители и истата година, на своја иницијатива, заминал во Солун. Во рускиот конзулат ги завршил формалностите околу добивање документи за својот десетмесечен престој во Москва и Петроград. За школувањето и работа во Русија, не се оставени никакви податоци. По Русија ј заминал во Бугарија, каде останал до 1888 година. Потоа, се вратил во Македонија и се приклучил на тајфата на татко си Јаков. Со кого работел во Македонија, Бугарија и Србија, сè до нееговата смрт во 1907 година. Во Софија Јаков Зографски имал свое ателје во кое, по враќањето од Русија, се приклучил и Ѓорѓи, каде покрај икони сликал и ѕидни (фреско) декорации по куќите на богатите семејства и портрети на познати Македонци кои што живееле и работеле во Софија.

Во 1894 година Зографски се оженил со Сава Мицајкова со која им се родил синот Тодор. По четири години брак Сава умрела, а Зографски заедно со татко му Јаков, заминал во Србија.

Во 1903 година Зографски повторно се оженил, со Роса Вецинова од Велес, со која имал три машки деца, Јован, Јордан и Данчо. . Во овој период сликал икони за црквите „Св. Никола” во с. Рудник, „Вознесение Христово” во с. Еловец и манастирот „Св. Вмч. Димитрија” во Велес.

По смртта на неговиот татко Јаков во 1907, Зографски заминал во Ниш, каде отворил свое ателје. Таму ги сликал иконите за црквите „Архангел Михаил” во село Балаинац, „Св. Јован” во Орлање, „Св. Прокопиј” во с. Шумане, Лесковачко, „Св. Илија” во с. Печењевац, „Собор на светите апостоли” во с. Турековац и др. Во овој период Зографски сликал и портрети на познати свештени и политички личности во Србија.

За време на Првата балканска војна живеел и работел во Велес каде отворил работилница за подготовка на дрвени подлоги за икони, сликање икони и фотографско студио. Сликал икони за повеќе цркви во градот и велешките села, како и во Штип и Кратово, а поради големиот авторитет што го уживал во градот, бил избран за кмет на Велес.

Zografski_so_semejstvoto
Ѓорѓи Зографски со семејството: сопругата Роса Зографска, синот Јордан, Јелена Зографска и Јован Зографски и најмладиот син Данчо Зографски (снимено во Велес во 1928 година)

„Периодот од 1927 до 1929 година се смета за еден од поплодните негови периоди. Покрај икони и живопис, насликал и доста портрети на познати личности, трговци, занаетчии и на негови пријатели од Велес. Зографски стекнал голем авторитет како сликар, кој покрај црковното, почнал да го негува и профаното сликарство. Спонтано ги прифатил новите ликовни струења во уметноста, го збогатил својот ликовен репертоар со нови ликовни идеи и содржини, со теми инспирирани од секојдневниот живот и непосредната околина. Неговиот авторитет и слава достигнуваат врв во 1932 година, кога во дневниот печат биле објавени повеќе текстови за неговиот живот и творештво

Во 1932 година повторно заминал во Србија и сликал икони и живопис во Ужичка Пожега и Белград. Од 1935 година па сè до крајот на својот живот тој постојано живеел во Велес, главно сликајќи икони за селските цркви во околината на Велес.

Умрел од настинка, во декември 1945 година, на 74-годишна возраст.

Во историјата на ликовната уметност Ѓорѓи Јаковов Зографски е вброен во редот на Димитар Андонов Папрадишки, Коста Вангелов, Гаврил Атанасов Беровец, но, како што вели Владимир Величковски и меѓу авторите од Струмица, Штип, Битола и други градови, кои работеле во „руски стил со „живи модели“. Неговите дела освен во црквите и манастирите во Македонија и Србија, се наоѓаат и во приватни музејски збирки во Бугарија.

True_event_in_1884._in_the_v._Papradište
Дела во кои Ѓорѓи Зографски го реконструирал настанот во Папрадиште од 1884 година.

Зографски, заедно со својот современик Димитар Андонов Папрадишки, најмногу бил ангажиран во зографската и сликарската област. Двајцата извршиле значаен пресврт во македонскиот преродбенски период.

„Од религиозни теми изработени во духот на локалното византиско и поствизантиско сликарство, Зографски одговорил на потребите на младиот македонски граѓански слој и почнал да обработува световни теми. Тој е еден од најзначајните уметници што ја повлекле развојната линија на профаното сликарство кај нас“.

ЛЕГЕНДИ | Transitions: 0 | Date: 2017-03-01

Роден е на 4 март 1881 година во Ново Село, Штип. Завршил Педагошко училиште во Скопје и учителствувал во Кочани, Виница и Кратово, каде во исто време бил и еден од дејците на ВМРО.

Во почетокот на 1903 година бил назначен за околиски раководител во Кочанскиот реон. Како резултат на предавство, на 3 март 1903 година е осуден на 5 год. затвор и казната ја издржува во скопскиот затвор Куршумли ан. По 13 месеци, во април 1904 година бил амнестиран. Истата година бил назначен за главен учител во Ново Село, Штипско. На 10 јануари 1905 година стапува во четата на Мише Развигоров како секретар на четата.

По убиството на Развигоров, станал секретар на кочанскиот околиски војвода Симеон Георгиев. На Третиот конгрес на Скопскиот револуционерен округ (ноември 1907), е избран за еден од окружните војводи на овој округ. За време на Хуриетот не го предал оружјето и се повлекол во илегала.

Во почетокот на 1911 година бил избран за член на ЦК на обновената ВМРО.

Todor_Alexandrov (4)

Со своја чета учествувал во Првата балканска војна. По Првата светска војна, зел учество на страната на реакцијата во военофашисткиот преврат на 9 јуни 1923 г. и во задушувањето на Септемвриското антифашистичко востание од истата година.

Во мај 1920 година организацијата разполага со 17 чети во Вардарска Македонија и 5 во Егејска, составени од по 15 четници и тројца во резерва. Биле возбновени и револуционерените окрузи: Скопски, Битолски, Струмички, Серски и Солунски, со околииските и селските реони. По целата граница на  Македонија биле создадени пунктови и канали. Во времето кога Александров  дејствувал во  Македонија, кралска Југославија ангажирала 35.000 војници, жандари, граничари, четници, жандарски станици и гранични пунктови.

Todor_Alexandrov (1)Од вкупно 17.000 жандари што ги имало во Југославија, 12.000 биле распоредени во Македонија. Кон крајот на 1922 година, неговата глава во Белград е проценета на 250.000 динари.

Сакајќи да постигне единство во Организацијата и да ги помири левите и десните струења, во 1924 год. во Виена го потпишува Мајскиот манифест. После негативната реакцијата на целата јавност и Т.Александров го повлекува својот потпис. Напуштен од своите дотогашни пријатели и предаден, бил убиен на 31 август 1924 година кај с.Лопово (Мелничко), на пат да присуствува на Конгресот на Серскиот револуционерен округ.

ЛЕГЕНДИ | Transitions: 0 | Date: 2017-03-01

Лордот Лансдау изнесувајќи факти за состојбата во овој период во Македонија, во делото „The Balkan Question“ (Балканското прашање), објавено во март 1905 година, во Лондон, покрај другото, ќе наведе дека: „Во Македонија постои една таква состојба во која луѓето од една иста народност се фаќаат за врат еден со друг поради верските особини, додека луѓето од една иста вера си ги вадат очите еден со друг поради особините на народноста”. Неколку месеци подоцна и д-р Карло Блинд во својата статија „Бугарските злосторства против Бугарите” објавена во весникот „Пал-Мал Газете” од 5 јули 1905 година, ќе напише: „…Двата воставички комитети меѓусебно се уништуваат. Цончев го предводи врховистичкиот, а Сандански централистичкиот комитет, односно внатрешната организација. Сандански се прикажува како единствен претставник, Македонец. Тој си поставил за цел од Македонија да создаде независна држава, која единствено би можела да влезе во составот на „Балканска федерација”, кога таквата сомнителна творба еднаш би се создала. Цончев од своја страна тежи да создаде „Бугарска автономна Македонија”, која потоа би се соединила со Кнежевството Бугарија”.

jane-sandanski-1

По Рилскиот конгрес и целосниот расцеп во Организацијата, Сандански целата своја дејност ја заснова на самостојноста на Македонското ослободително движење, а борбите со четите на врховистите продолжиле со целата жестина во цела Македонија се до младотурската револуција. Влијанието на Јане Сандански врз македонската левица било забележано и од страна на бугарската влада, па и таа настојувала да го ликвидира. Македонската десница по убиствата на Борис Сарафов и на Иван Гарванов во 1907 година, донела решение да се изврши атентат врз Јане Сандански. На 24 септември 1908 година во Солун, една група, испратена од Софија на чело со војводата Тане Николов, извршила неуспешен атентат врз Јане Сандански, при што е ранет.

Нешто подоцна групите на Сандански и Чернопеев ја формираат Народната федеративна партија, во која зазема активно учество во создавањето и раководењето. Нејзината програма предвидувала Отоманската империја да се реформира како Источна федерација и да се образуваат самоуправни вилаети: Македонија, Албанија, Ерменија. На 14 август 1909 година само четири дена по основачкиот конгрес на НФП, пак во Солун, бил извршен втор обид за убиство на Сандански. Како организатори на овој атентат се споменуваат Димитар Ризов, бугарски дипломат родум од Битола и публицистот Никола Наумов од Штип, кој постојано престојувал во Солун како дописник на Бугарската телеграфска агенција, секако со логистика на бугарските и австриските тајни служби.

Во 1908 година соработувал со младотурците и се залага за автономна Македонија и легален политички живот. За тоа зборува неговиот манифест од 18 јули 1908 година во кој ги поканува малдотурците за соработка. Кога реакционерните сили го презеле турскиот парламентот, кон силите на Младотурците се приклучил и одред од 1200 македонски револуционери предводени од Јане Сандански, Тодор Паница и Христо Чернопеев. Тие учествуваат во Младотурскиот поход на Цариград и по тридневни борби, на 24 април 1909 година, контрареволуцијата била совладана. Македонските револуционери со својата храброст одиграле важна улога во совладувањето на реакционерните сили и во детронирањето на султанот Абдул Хамид II.

Кога веќе не успеале со атентатите, бугарската влада се обидела да ги искористи несогласувањата помеѓу Влахов и Сандански и да создаде раздор во НФП. Бугарската тајна полиција ангажирала група лнтелектуалци од македонската десница кои со заговор ќе ја растурат НФП. Со низа валкани игри и подметнувања од страна на лица од македонската десница. судирот помеѓу Димитар Влахов и Јане Сандански, односно помеѓу „влаховистите” и „сандинистите” толку се заострил што нивното натамошно заедничко дејствување во НФП боло невозможно. Нејзиното доуништување го завршиле бруталните акции на Младотурците во 1910 годша. На 5 јуни 1910 годша излегол последниот број на партискиот орган, а веќе во август 1910 година НФП, речиси, престанала да постои.

Јане Сандански учествувал и во Првата балканска војна, на страната на Балканскиот сојуз со јасно изразени цели за самостојна македонска држава. На 30 октомври 1912 година со своите чети го ослободил Мелник и како претходница на Бугарската армија дејствувал при заземањето на Рупелската клисура, со што го овозможува поразот на турскиот Струмски корпус. Како претходница на 7 – та Рилска дивизија, Сандански со својата придружба и бугарските коњаници на мајорот Цонев влегуваат во Солун, веднаш по предавањето на градот на Грците од страна на Таксим паша на 8-ми ноември 1912 година. Дури следниот ден во Солун влегуваат 7-мата Рилска дивизија и грчки трупи. На банкет одржан по повод ослободувањето на Солун, Сандански одржал здравица и рекол, дека пие за здравјето на новата држава автономна Македонија. Тогаш сите присутни бугарски офицери, ги извадиле своите сабји и започнале да се закануваат дека за такви зборови глави ќе паѓат и јазици ќе сечат и дека не за тоа е пролиено толку бугарска крв. По ваквите изговорени зборови тој мирно го напуштил банкетот и Солун.

За време на Втората балканска војна, кога Грците го запалиле Кукуш и вршеле геноцид над македонскиот народ, Јане Сандански наново ја собрал четата и ја зазел Рупелската клисура. Со тоа ги прекинал врските на грчката војска, што овозможило таа да биде поразена од бугарската војска кај селото Бело поле, Џумајско.

Разочаран од поделбата на Македонија, сакал да ги казни виновниците. Неговите немери биле откриени а како голем противник на врховизмот и на бугарската завојувачка политика кон Македонија и неговата непомирлива борба за самостојна Македонија, по наредба на кнезот Фердинанд, бил убиен од заседа од своите идејни противници на Пирин Планина, на 22 април 1915 година..

ЛЕГЕНДИ | Transitions: 0 | Date: 2017-03-01

Jане Сандански (с. Влахи, Мелничко, 31. I 1872  – м. Пирин Планина Мелничко,  22. IV 1915) – е истакнат македонски револуционер, војвода и раководител на ТМОРО – ВМРО. Од 1895 до 1897 година учествувал во четничкото  движење организирано од ВМК, а од 1899 година преминал во ТМОРО.

Јане Сандански ги поминал сите развојни фази од обичен борец, преку главен војвода, до командант на оперативен штаб. Бил еден од главните организатори на пленувањето на мис Елен Стон. Се противел на решенијата на Солунскиот конгрес за кревање востание во 1903 година, но по започнувањето на востанието го извел Крстовденското востание во серскиот револуционерен округ. Бил поистакнат преставник на Серската група и Реформската струја, и е еден од оснивачите на Народната федеративна партија. Со своите чети учествувал во Младотурската револуција и во Балканските војни. Животот го завршил обидувајќи се да ја спречи Бугарија во вклучувањето во Првата светска војна бидејќи тоа би значело нова катастрофа за Македонија. Во текот на неговата бурна воена и политичка дејност, се застапувал за ослободување на цела Македонија, за сочувување на територијален интегритет и создавање самостојна македонска држава.

Јане Сандански е роден на 18 мај 1872 година во селото Влахи, Пиринска Македонија. Потекнува од земјоделско семејство. Татко му Иван, во 1878 година учествувал во Кресненското востание како знаменосец (барјактар), односно заменик на главниот војвода. По задушувањето на Кресненското востание, семејството било приморано да се пресели во Дупница, Бугарија. Тука Јане пораснал, завршил основно образование и втор клас гимназија. Две години работел како чевларски чирак, потоа уште две години како молбописец, па адвокатски помошник кај својот вујко и самостојно.

Jane_Sandanski_3Воениот рок во бугарската армија го отслужил од 1892 до 1894 година во Ќустендил, во 13 – от пешадиски рилски полк. Како резултат на покажаните резултати во воената обука бил произведен во чин помлад водник. Уште како младинец бил активен меѓу македонската емиграција во Дупница и се запознал со револуционерните идеи и за борбата на македонскиот народ за слобода. Сето тоа кај него предизвикувало чуство на долг кон татковината. Слушајќи дека Македонскиот врховен комитет (МВК) во Софија, подготвувал востание и дека за војводи на чети биле повикани старите ајдути, се  одлучил веднаш по отслужувањето на воениот рок да им се приклучи.

Во 1895 година се приклучил во четата на Стојо-војвода, но првите искуства по навлегување на четата во Серско, биле разочарувачки. Наместо да се борат за заштита на македонското население четата грабела и убивала, не само од турското туку и од македонско христијанско население. Разочарувањето се зголемило слушајќи ги избеглиците од Македонија, кои зборувале за уште поголеми злосторства. Но целосен пресврт во размислувањата на Јане, направил Ефто, дојденец од неговиот роден крај. Неговото прашање: „Вие избегавте, се спасивте, а колку незаштитени останале, а ти син на барјактар – зошто ти избега”, оставиле тешко бреме во душата на Јане. Тој ќе одлучи да се врати во Македонија, со нови одбрани борци, со кои ќе се бори за нејзината слобода. За намерата го запознал и Димо Хаџи Димо во 1896 година,  од кого за првпат ќе разбере дека во Македонија имало револуцпонерна организација.

Сепак Јане ќе одбере да не учествува во никакви акции се додека добро не ги проучи приликите во Македонија и проблемите со кои се соочува македонското револуционерно движење. Со цел самообразување и дружење со седум други Македонци во 1897 година ќе го формира друштвото „Младост“ . Две години бил претседател на друштвото, а по разговорите во 1899 година со Димо Хаџи Димов кој бил учител во Дупница  и Гоце Делчев, најпосле станал официјален член на ВМРО.

Објаснувањата на Гоце дека „Кон слободата нема лесен пат“, и дека „Слободата нема да ни ја донесе ниту Фердинанд. нигу кој било друг. Сами ќе си ја пзвојуваме. но треба да се подготвиме за долга и тешка борба. Внатрешната организација ќе го подготви народот за востание. Робот треба да се прероди и да востане.”. всушност ќе ги разбие сите нејаснотии и двоумења кај Јане. За него Гоце ќе стана апостол чија идеја како сенка ќе ја следи до крајот на својот живот. Синот на знаменосецот од Кресненското востание, следејќи ја идејата како и патеките на војводите од неговиот крај, Иљо Малешевски, Димитар Поп Георгаев Беровски и други, кои за Јане биле вистинска духовна храна, многу брзо се возвиши во народен трибун и во заштитник на народот, кој од почит го варекол „пирински цар”.

Во 1901 година, од Делчев бил испратен за војвода во пограничните региони на Серскиот округ за заштита на организацијоната територија од навлегување на врховистите. Со помошта на Гоце, Согледувајќи дека населението е сиромашно за набавка на оружје и дека неможе да смета на ВМК на чие чело, по апсењето на Борис Сарафов, бил  генералот Цончев, човек на бугарскиот кнез, кај првите луѓе на Организацијата се родила идеја за доаѓање до парични средства преку грабнување на богати или други значајни лица, и добивање откуп за нивно ослободување.

Идејата за грабнување созреала токму кај Сандански. Откако пропаднал планот да го грабнат Сулејман-бег, синот на пашата во Џумаја. Сандански ќе го изврши познатото киднапирање на американската мисионерка мис Елен Стон. Грабнувањето на мис Стон и нејзината преведувачка Цилка, од македонска народност, го извршува во август 1901 година на патот кон селото Банско. Турските власти, одбивајќи да го исплатат откупот, испраќаат многуилјадна војска која безуспешно се обидува да ги ослободи заложниците и да ја ликвидира четата на Сандански. По трите неуспешни битки, Турците на 20 јануари 1902 година во Банско ќе му исплатат на Сандански 14.000 лири, а мис Стон и Цилка, која во меѓувреме роди девојче, ќе бидат ослободени кај струмичкото село Градошорци на 10 фебруари 1902 година. Подоцна Сандански ќе ги искористи парите за купување на оружје и муниција, неопходни за водење на револуционерната борба. Додека траеше целата оваа драма, а мис Стон и Цилка уживаа во гостопримството на македонскиот народ, дотогаш печатот во Европа и Америка, непрекинато се занимава со сензационалниот настан и се содаваа легенди.

Во текот на 1902 година Сандански ќе справува се последиците на врховистичките вооружени правокации во Горноџумајско и ќе работи на ширењето и зацврстувањето на Организацијата. Согледувајќи ја состојбата на теренот, тој жестоко се спротивставил на решението на Солунскиот конгрес во 1903 година за кревање на востание. Сепак во Серскиот округ Окружниот конгрес решил востанието да почне на 14 септември, на Крстовден, акциите да имаат партизански карактер и да се одвиваат надвор од населените места. До поголеми судири дошло во Демирхисарско, Мелничко, Неврокопско, Разлошко и Горноџумајско, а во акциите заеднички учествуваат и врховистичлите чети по налог на ЦК. Дошло до неуспешна соработка со врховистите, кои го прекршуваат договорот за востание и набргу ќе избегаат назад преку граница во Бугарија.

По задушувањето на востанието основната цел на врховистите и понатаму останала иста, а тоа било завладување со организацијата и потчинување на потребите на бугарската држава. Главна пречка за оваа реализација бил Јане Сандански кој како престседател на Серскиот револуционерен округ ја предводи левицата на македонското револуционерно движење и жестоко се пресметувал со нив. Сандански ја застапува идејата дека: „македонскиот народ е самостоен народ кој има право на самостоен живот“ и затоа “треба да се борат за издвојување на својата слобода без да се надеваат на туѓа помош, зошто оние кои ќе дојдат да ги ослободат, всушност ќе дојдат да не заробат“. Бидејќи сите дотогаш употребени средства не дале резултати, врховистите организираат поход со цел да го ликвидираат Сандански. Во жестока борба на 7 април 1904 година, кај селото Кашна, врховистите биле наполно разбиени.  Проблемите во Серскиот како и во другите револуционерни окрузи ќе бидат причина за свикување на Рилскиот конгрес во 1905 година, на кој учествувал Сандански.

ЛЕГЕНДИ | Transitions: 0 | Date: 2017-03-01

Георги Николов Делчев е роден на 23 јануари (4 февруари, нов стил), 1872 во Кукуш, Егејска Македонија  како прво машко дете, трето по ред на бројната фамилија Делчеви која имала вкупно девет деца.

Делчев произлегува од релативно добро ситуирано семејство. Татко му Никола Делчев бил кукушанец, а мајка му Султана Нурџиева потекнува од блиското село Мурарци. Во 1879 – 1880, Гоце (Георги) Делчев започнува да го посетува прогимназијалното училиште во Кукуш. Гоце потоа го завршил средното образование во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј”. Се запишал во Военото училиште во Софија во 1891. Подоцна, како питомец во военото училиште во Софија тајно ги посетувал социјалистичките кружоци и ја ширел социјалистичката литература, за што е исклучен од училиштето. Делчев станал учител во Бугарското машко трикласно училиште во Штип (Ново село), заедно со Туше Делииванов во 1894 каде што се запознава со Даме Груев, еден од основачите на ТМОРО. Како резултат на блиското пријателство меѓу двајцата, Делчев и се придружил на Организацијата во 1895 набрзо станувајќи еден од нејзините водачи.Во летото 1896, во Солун се одржува конгрес на македонските и одрински револуционерни сили. На конгресот присуствува и Гоце Делчев.

Гоце Делчев и Ѓорче Петров се ополномошни да изработат Устав и Правилник, а изработениот устав носи наслов: „Устав на Тајната Македоно-Одринска Револуционерна Организација”. Кон крајот на летото на 1896 година станува главен учител во бугарското православно второкласно училиште во Банско, Разлошко. На 1 ноември истата година поради здравствени проблеми си подава оставка.На почетокот на јануари 1898 год. се установува четничкиот институт, а Гоце Делчев е назначен за началник (испектор) на сите чети во Македонија.За време на честите обиколки низ Македонија работи на создавање организациона мрежа со здрави и цврсти бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Цел е автономија или целосно ослободување на Македонија и Одринско од османлиското ропство и создавање на независна македонска држава.

goce delchev2

За да го отстрани, или барем да го неутрализира разбивачкото влијание на бугарскиот двор и другата организацијата на македонските емигранти во Бугарија тн. ” Врховен македонски комитѕет”, Гоце, и како задграничен претставник, активно дејствувал врз нивните претставници да се откажат од неповиканото мешање во внатрешните работи на Револуционерната организација, која претставува единствен легитимен претставник на македоно-одринското ослободително движење, и да дејствуваат само како помошна сила за материјално помагање на Организацијата.

Во нивното отстранување, Гоце водел бескомпромисна борба против мешањето на бугарските влади и челниците на врховистичкиoт македонски комитет. Најпечатливи одгласи од неговата борба за зачувување на единството од надворешните мешања имала неговата отворена реплика со претседателот на Врховниот комитет, генералот Николаев, кого го предупредил дека :

Додека неговото рамо ја крепи пушката, нема да дозволи присуство на бугарски офицери во Македонија

Иста цел имала неговата Директива во 1902 година за забрана на влегување на врховистичките чети од Бугарија, како и предупредувањето до официјална Бугарија да не мисли за Македонија, туку да си ја чува Бугарија, зашто Македонците ќе си ја чуваат Македонија.

На редовното советување во декември 1902 година, Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански и други водачи на ТМРО решаваат да не се крева фронтално востание во Македонија, туку да се води партизанска војна. Целта како што изјавил Гоце требала да биде:

                           „Hе ние да ја победиме Турција туку таа да не нè победи нас.”

Потоа Гоце оди на терен, а зад грб бугарскиот агент Иван Гарванов свикува јануарско советување, кое според В. Думев (кој работи со Иван Гарванов) “НЕ БЕШЕ СВИКАНО ДА РЕШАВА”. (Зборник Илинден 1903-26, стр.114).

goce delchev1
Во јануари 1903 година, Гоце Делчев се изјаснува отворено како прв против кревање на востание во Македонија таа година, познато потоа како „Илинденското востание”, како преран и неподготвен чекор. По негова иницијатива  било организирано советување на група македонски револуционери меѓу кои биле: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Пере Тошев, Михаил Герџиков и други македонски револуционери од централистичкиот лагер на TМРО.

На собирот свои излагања имале Гоце Делчев, Јане Сандански, Ѓорче Петров и др. Тие сметале дека меѓународната и внатрешната ситуација на Македонија не е поволна за кревање востание; собирот се искажал против решението за подигање на востание.

    Централна организација не била создадена, туку имало неколку мали организации. За неколку години, како и да е, една станала доминантна, таа која што го имала Делчев за лидрер (до убиство). Груев, сегашен шеф на битолскиот округ, Ѓорче Петров и Христо Татарчев како надворешни претставници, тие ги зеле зборовите на Гледстоун за нивно мото „Македонија на македонците”.
Според Пејо Јаворов, поет и чест сопатник на Гоце Делчев, Гоце заклучил дека:
TМРО всушност тргнува по патот на самите врховни комитетети против кои беше војувала најжестоко……кога Гоце ги читаше писмата, а тој ги беше препрочитал неколку пати од очите му се одронија солзи, кои паднаа врз шифрираните редови. Гоце чувствуваше дека останува сам: со своите планови, со своите мечти, со своите идеали , со деcетиците чети и со целиот македонски народ!

На 19 јануари 1903 година, Гоце Делчев со четатa  тргнува за Македонија; со него е и Јаворов. Истиот ден пристигаат во Самоков. На 19 март Гоце Делчев со својата чета го минира мостот на р. Ангиста; во воздух бил дигнат и тунелот на железничката пруга. На 19-20 април истата година Гоце Делчев пристигнува во Солун, а сместен е во просториите на Солунската бугарска машка гимназија. Тој има неколку среќавања со Даме Груев и со него го разгледува прашањето за подигање на востанието.

Гоце го напушта Солун и излегува низ вардарската капија и со воз се префрла во правец на Сер. Вечерта на 2 мај Гоце Делчев пристига во с. Баница, на мала оддалеченост од Серез. За престојот на Гоце Делчев во Баница известена е турската управа  за движењето на Гоце и неговата чета .

            Гоце бил предаден уште во Cолун кога бил во бугарската гимназија од страна на ”бугарското тајно револуционарно братство”   и  Иван Гарванов, кое сега делувало во редовите на ТМРО ,  уште кога бил во Солун а потоа следен 

Во зорите на 4 мај 1903 год. Гоце Делчев и неговата придружба се известени од јатаците дека се опсадени од турската војска (аскер). Гоце наредува да излезат од куќата каде биле сместени и да се повлечат за да го спасат селото од зулум. Во текот на денот, на 4 мај 1903 во борбите при излегување од село Баница, Гоце Делчев бил погоден во левата града, паднал врз пушката, се обидел да се крене и паднал мртов.

Гоцевата саможртва за делото на ослободувањето на народот во Македонија и Одринско и создавање на независна или автономна македонска држава му  донесе  признание и почит. Неговото име стана легенда, вткаена во свеста на македонските народни маси. Неговото име ги возбудуваше македонските поколенија, со тоа име македонските прогресивни сили ја водеа во сосема нова општествено-политичка ситуација борбата на македонскиот народ за национално и социјално ослободување.

goce delchev3

Неговите посмртни останки прво се чуваат во Баница до 1917 година, кога се пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чува во домот на Михаил Чаков, а на него пишувало:

„Ги заколнуваме поколенијата што доаѓаат светите коски да бидат погребени во главниот град на независна Македонија. Август 1923, Илинден”.

Заветот е исполнет и на 11 октомври 1946 година се пренесени во Скопје, во црквата Свети Спас.

ЛЕГЕНДИ | Transitions: 0 | Date: 2017-03-01

Никола Јанакиев Карев (Крушево,1877 – с. Рајчани, 1905) – претседател на Крушевската Република, бил учител, социјалист и национален деец, ревулуционер и војвода. Завршува четврти клас во Битолската гимназија. На 16 години заминува на печалба во Бугарија. Како столарски работник работи во работилницата на Васил Главинов од кого ги прифаќа социјалистичките идеи. Заедно со Васил Главинов, ја основаат Македонско-одринската социјал-демократска група (1896). Во родниот град се враќа во 1899 година и заедно со Веле Марков ја формираат социјалистичка група во Крушево. Во ТМОРО се вклучува по Првата социјалистичка конференција (1901). По завршувањето на четврти клас во Битолската гимназија (1901), во учебната 1901/1902 станува учител во крушевското село Горно Дивјаци, а следната учебна година работи во Крушевската прогимназија. На почетокот на 1903 година застанува на чело на Крушевскиот револуционерен комитет и остро се спротивставува на решението за кревање на Илинденското востание донесено на Смилевскиот конгрес. Сепак по одлуката за кревање на востание, во својство на началник на Горскиот Крушевски штаб, Карев активно учествува во подготовка и организација на Илинденското востание (2 август 1903), а подоцна и во ослободувањето и одбраната на Крушево. По паѓањето на Крушево во турски раце, кон крајот на годината се префрла преку Белград во Софија. Откако извесно време престојува во Бугарија, во 1905 година тргнува со чета во Македонија, но на пат кон Крушево загинува во битка со османлиската војска кај село Рајчани.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КРУШЕВСКАТА РЕПУБЛИКА

Nikola_KarevЖивотниот пат на Никола Карев започнува во периодот кога Македонија стенкаше под стегите на многувековната османлиска експлоатација, кога владееше национална и политичка обесправеност Роден во 1877 година во Крушево, како четврто дете во сиромашно јагленарско семејство, Карев многу рано како дете ќе ја почуствува целата беда и горчината на македонската голгота и понижувањата на ропската потчинетост.

Соочен со суровата реалност, тешката економска и социјална положба во семејството и земјата, Никола Карев е принуден да го прекине своето школување за да му помогне на своето семејство. Во поткрепа на своите сиромашни родители, прекинувајќи го своето школување уште во третиот клас, тој се вработува како столарски чирак. Наскоро, како 16 годишно момче, го напушта своето родно огниште и заминува на печалба во Бугарија. Во прво време работи како ѕидар, а потоа станува столарски работник во работилницата на велешкиот столар и основач на Македонската работничка социјалистичка група во Софија, Васил Главинов. Во таква средина младиот Карев ќе го изгради својот идеен и политички став. Набргу, со самопрегорна работа и пропагирањето на социјалистичките идеи, станува еден од повидните членови членови на Македонската социјалистичка група, која покрај класната, води борба за создавање на самостојна македонска држава. Заедно со Васил Главинов, ја основаат Македонско-одринската социјал-демократска група (1896).

Заради здраствени причини се враќа во родниот град во септември 1899 година, каде со Веле Марков ја формираат социјалистичка група во Крушево. Набрзо, заради сопствени и потребите на организацијата, го продолжува своето образование.  Во 1900 година со големи усилби, живеејќи во мизерија, во Битола завршува четврти клас гимназија. За време на школувањето, продолжувајќи ја својата политичка активност, соработува со тогашните раководители на месната револуционерна организација и како член на Битолската социјалистичка група развива широка агитациска политичка дејност меѓу тамошната средношколска и работничка младина за нејзино национално разбудување.

Карев не учествува на првата социјалистичка конференција. Сепак ги прифаќа нејзините одлуки, во прв ред одлуката за влегување на македонските социјалисти во редовите на ТМОРО, во февруари во 1901 година. По завршувањето на четвртиот клас во Битолската гимназија во јуни 1901 година, на  барање на Организацијата, Карев се согласува да стане учител и во 1901 година заминува за село Горно Дивјаци, Крушевско. Благодарение на својата активност и способност, тој израснува во забележлива раководна личност на МРО во крушевскиот крај.Следната учебна година е префрлен на работа во Крушевската прогимназија.

На чело на Крушевскиот ревулиционерен комитет, Никола Карев застанува во јануари 1903 година. Добро познавајќи ја состојбата во својот реон, во мај истата година, на Смилевскиот конгрес, тој решително ќе се спротивставува на солунското решение за дигање на востаније, посочувајќи дека не се создадени сите објективни предуслови за негов успех, како и поради недоволната вооруженост и подготвеност на сите револуционерни реони. Иако противник на предвремената донесена одлука за востание во Солун, по дефинитивното решение на Конгресот во Смилево за дигање на востание во Битолскиот округ, Никола Карев ги вложува сите свои револуционерни и умствени способности за успешно изведување на востанието во својот реон. За време на подготовките редовно го обиколува реонот, а по завршување на активностите во градот Карев во јуни се повлекува во илегала и раководи со подготовките за востанието од Горскиот Штаб. Главна цел на неговиот Штаб била освојување на градот Крушево.

Извршувајќи ги сите подготовки за успешно заземање на градот, пред да започне нападот Штабот на Никола Карев издал специјален проглас со кој го објавил востанието и со кој го повикува народот на востание.  Потоа според одлуката и планот, ноќта на 2 август, со околу 750 востаници Карев го започнал нападот врз градот. Концентрирајќи ги своите напори врз клучните објекти како општината, поштата и други важни згради, востаниците се сретнале со посебно жесток отпор при нападот на касарната, во која се наоѓале 60 војници.   На 3 август градот бил ослободен од турската власт, а во него се настанил Штабот на крушевските востаници.

За време на востаничката власт во Крушево, Карев е на чело на Штабот на крушевските востаници и не врши ниту една од функциите на цивилната власт.  Веднаш по преземањето на власта, била формирана привремена Влада, која во името на Штабот на Никола Карев упати Манифест до околното муслиманско население, кое братски се повикуваше да ја поддржи и да ја помогне светата борба на сите обесправени во Македонија. Сепак, фактички, тој бил на чело на новата востаничка власт во Крушево, поради што обично му се припишува функцијата претседател на Крушевската република, иако за тоа нема формална основа.

Издавањето на Крушевскиот манифест, всушност декларација за целите на македонската револуција, преставува полн израз на државотворните гледишта на македонските социјалисти за конституирање на македонската држава. Овој акт на македонските револуционери, пленува со својот револуционерен демократизам, со високите принципи на соживот меѓу народите, без разлика на нивната национална и верска припадност.

nk

По паѓањето на Крушево во турски раце, Никола Карев со своите соработници се повлекува во околните планини, за да кон средината на ноември 1903 година се префрла во Белград.  Од Белград заминува за Софија каде ја обновува својата активност и учествува во формирањето на Македонско-одринската социјалистичка група во 1905 година, како огранок на Бугарската работничка социјал-демократска партија. Во 1905 година пролетта реши да се врати во Македонија. На 26 април неговата чета на пат за Крушево ноќева во село Рајчани, Кочанско. Но, тука беа предадени и веднаш сардисани од османлиската  војска. Следниот ден, на 27 април во нерамна борба загина младиот Никола Карев, заедно со многу борци од неговата чета.

Посмртните останки на Никола Карев во 1953 година, по повод одбележувањето на 50 години од Илинденското востание, се пренесени во Крушево. На 11 април 1990 година тие се пренесени во Македониумот.

ЛЕГЕНДИ | Transitions: 0 | Date: 2017-03-01

Роден е во с, Клечовце-Куманово на 18 септември 1929- Умира на 31.05.1998 година во Копенхаген- Данска, на пат од Шведска за Берлин – Германија.

Драган Богдановски беше еден од најпознатите македонски политички емигранти по 1945год. Тоа е човек со извонредно богата биографија, непоколеблив борец за остварување на македонските илинденски (Гоцеви) идеали, односно идеи за ослободување и обединување на сите делови од Македонија. Богдановски 30 години се наоѓа во челните редови на патриотски настроената македонска емиграција.

Во биографијата на Драган Богдановски, меѓу останатото може да се прочита дека е роден во 1929 година во с.Клечовце, Кумановско и дека потекнува од позната селско-земјоделска фамилија со патриотски корени (дедото на Драган е илинденец-комита во четата на Атанас Бабата). Основно училиште завршува во родното село, а средно образование во Куманово и Битола, по што 1948г. се запишува во Белград (Земун) на факултет за Земјоделство и Шумарство. Во Белград уште во третиот семестер од студиите се пројавува како иницијатор за формирање на “Македонски студентски клуб” во Белград, за која активност бива затворен и издржува казна од 4 месеци во злогласниот затвор на Обилиќев Венац. По излегувањето од затвор бива исклучен од факултетот без право на упис на било кој факултет во Југославија.

Таа драконска мерка на факултетските власти во основа го менува животот на Богдановски. Одлучува да ја напушти земјата и во пролетта 1950год., зааедно со неколкумина колеги студенти, кај Гевгелија ја преминува границата. По задолжителен престој во избеглички логор, кон крајот на 1950г. заминува за Јужна Америка, каде престојува во Аргентина и Бразил до 1954г. Желбата за наука не го напушта, за што се враќа во Париз и на Сорбона запишува Факултет за политички науки и журналистика. Уште веднаш започнува со политичко дејствување, ја формира организацијата “Македонски национален фронт” и започнува со издавање на весникот “Македонска искра”. Од овој весник успеваат да излезат неколку броеви и по интервенцја на Југословенската и Грчката амбасада бива забранет.

dragan-bogdanovski (2)Во 1958г. се жени со Брита, ќерка на тогашниот главен архитект на Осло, и заминува да живее во Норвешка. Со неа има два сина (Пер-Арне и Иван). Во осло оспособува печатница на кирилично писмо и преку пишан збор со неговата национално-политичка активност придонесува во борбата за обединување на Македонија. За Драгана 1958г. е многу значајна, бидејќи тогаш се јавува како покренувач за издавање на повеќе весници, списанија и книги за Македонија и Македонското дело. Во Осло го издава списанието “Македонска лоза”, и “Слободна Македонија”, потоа го печати весникот “Македонија” списанието “Македонска нација” и сл.

Неговата активност најмногу беше изразена како иницијатор за основање на бројни политички организации на Македонците во странство. Споменатите гласила наидуваат на голем одзив кај Македонската емиграција. Со тоа всушност започнува будење на Македонците и Македонството во светот.

Во 1963 г. доаѓа до формирање на прва македонска национална организација ОКМ (Ослободителен комитет на Македонија), која организација во 1972г. се трансормира во ДООМ (Движење за ослободување и обединување на Македонија). Драган на чело на ова организација доаѓа уште во 1967г.

ДООМ развива широка активност насочена кон Македонците кои по 60-те години масовно ја напуштаа својата татковина од економски или политички причини, поради што набргу се соочува со тогашната СДБ која ги следи и повремено ги попречува неговите активности. Се организира кражба на неговата печатница во Минхен (од Осло пренесена во Брисел па во Минхен) во која се печати списанието “Македонска нација”.

За воља на вистината СДБ не превзема акции за целосна елиминација на дејноста на Драган Богдановски, бидејќи тој со својата борба беше брана за спречување на дејствувањето на разни странски пропаганди, политички или црковни институции кои Македонците на печалба или тогаш популарно нарекувана “Привремена работа во странство”, ги поплавува со прогрчка, пробугарска и друга пропагандна активност, каква што спроведуваа “Панмакедоники”, “МПО” на Ванчо Михајлов, “Славјански комитет” на НБР и други институции на соседните земји на Македонија. Драган Богдановски беше голем борец против сите оние што го негираа постоењето на Македонската нација и Македонскиот етнички идентитет. Во тој период (1958-1977) најголема битка водеше против “МПО” на Ванчо Михајлов.

Всушност Драган Богдановски за првпат ќе биде оквалификуван како противник на Југославија, по состанокот со Владо Дапчевиќ, еден од творците на “Нова КПЈ”, формирана со подршка од тогашниот СССР, кој на таков начин сакаше да ја преведе Југославија во тогашната социјалистичка заедница и Варшавскиот договор.

Во акцијата за расчистување со “опасните емигрантски кругови”, донесена е одлука за доведување на Драган Богдановски во Југославија и негово судење. Како раководител на ДООМ во 1977г. Драган е киднапиран во Париз и доведен во Југославија. Него го киднапираат припадници на тогашната СДБ во станот на друг член на ДООМ, и со дипломатско возило бива пренесен во Љубљана, а подоцна и во Скопје. Со врзани очи бива одведен во полициски објект во близина на Македонски Брод каде што е под истрага 18 месеци. Судскиот процес против него бива организиран зад затворени врати, на кој процес бива осуден на 13 години затвор, од кои издржува 11 години во затворот Идризово. По излегувањето од затвор извесно време живее во Скопје, а штом добива патна исправа заминува во Шведска, каде ја подготвува програмата за формирање на национална политичка партија во Македонија (која политичка програма бива отпечатена во весникот “Млад Борец”). Таа партија по идеја на Драган Богдановски треба да се вика “Демократска партија на македонско национално единство” ДПМНЕ. Интелектуалец по образование и визионер за иднината на политичката акција во Македонија, Драган Богдановски во 1990 година заедно со Гојко Јаковлевски од Берлин, се состануваат во Минхен, каде се донесува одлука за формирање на партијата со предзнак ВМРО. На состанокот присуствуваат и Владо Транталовски од Ресен, Борис Змејковски и Љупчо Георгиевски. партијата се формира и регистрира во Македонија.

На првиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ одржан во Прилеп на 6 и 7 април 1991г., Драган Богдановски е избран за почесен претседател на партијата, а од 1991 до 1993г. е претседател на Задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Европа.

На крајот на 1993г. доаѓа до конечно разделување со партијата што самиот ја основа и и го внесе македонскиот дух, по што прави обид за формирање на нова партија “Македонски национален фронт” со седиште во Прилеп, која партија во одсуство на Богдановски не успева да заживее. Драган се враќа во Шведска и продолжува да работи на идејата на која и го жртвувал целиот свој живот.

Умира на 31.05.1998г. во воз (во местото Федериција Данска), на пат од Шведска во Германија. Погребан е во присуство на фамилијата и најблиските и до крај верни пријатели и соработници во Куманово на 01.08.1998г.

ЛЕГЕНДИ | Transitions: 0 | Date: 2017-03-01

Реликвија во спомен куќата на Христо Узунов во Охрид

Во спомен- куќата на Христо Узунов, се чува и реликвија- дел од брадата на Узунов која Василка Крлеска Чавкоска, ја отсекла пред чинот на погребување на војводата кој си го одзеде животот по нерамноправната борба со турскиот аксер во кичевското село Цер во 1905 година, заедно со блиските соработници и уште деветмина комити.

Вредната реликвија на вработените во охридскиот Завод и музеј им ја предал потомок на семејството на Анастасија Узунова од Струга на 24 април – денот на херојскиот чин на Христо Узунов.

Со тоа се оствари аманетот на Ангеле Узунов брат на Христо ,желба која по сплет околности не била реализирана во 1965 година- на пликот потпишан од Ангеле Узунов е запишано: “Делови од брадата на Христо Узунов земени после неговото убиство во Цер и донесени на мајка ми од учителката Фанче Филева од Охрид“.

Песна за Христо Узунов

И таму е мојта родина,
далеку Македонија,
јас сакам таму да загинам,
а ти ме забрави за век.

И таму е мојта мајка,
и таму има божи свет,
јас сакам таму да загинам,
ти ме заборави за век.

Не плачи мила моја мајко,
не рони солзи крвави,
ако Христо Узунов падна,
на врагот жив се не даде.

Сестрите нема да ми играт,
над мојот гроб осамотен,
и мајка нема да ми идат,
да лее солзи за мене.

Не жали мила моја родино,
и сите ми другари мој,
ако Христо Узунов падна,
на врагот жив не се даде.

ЛЕГЕНДИ | Transitions: 0 | Date: 2017-03-01

– Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила.

hristo-uzunov1
Христо Узунов е роден на 22 февруари 1878 година во Охрид. Татко му бил учител и активно вклучен во револуционерното движење. Неговата мајка била по потекло од семејството на преродбенскиот деец Ѓорѓи Чакалов од Струга. Христо Узунов своето образование го започнал во родниот град. Kако ученик на Солунската гимназија пристапил во ВМРО и раководел со револуционерен кружок. По завршувањето на гимназијата, неколку години учителствувал во Охрид.

Според некои документи, се смета дека Христо Узунов во револуционерната организација се вклучува во 1896 година заедно со Методиј Патче. Така, Христо Узунов бил и раководител односно организатор на ТМОРО во Охридско и Струшко. Прогонуван од турската власт, на двапати бил затворен во Битола. На познатиот Солунски конгрес на Организациjата во 1903 година била донесена одлука да се крене востание. Конгресот на округот пак, бил закажан во селото Смилево, на 1 маj 1903 година. На него охридскиот воjвода Христо Узунов, коj jа предводел делегациjата на Охридската револуционерна околиjа, предложил, поради недоволната организираност и слабата вооруженост да не се крева востание, во кое не успеал. По задушувањето на востанието, во охридскиот краj останал воjводата Христо Узунов, коj по одредено време минато на Смилевската планина, во декември 1903 година се вратил во своjата околиjа за да ги обнови растурените комитети на Организациjата. Во текот на 1904-1905 година Узунов главно својата активност ја насочил во организирање борба против присутните пропаганди, како и за разрешување на идеолошко-теоретските проблеми со кои се соочувала Организациjата.

Благодарејќи на него, за илинденското востание се знае многу повеќе, отколку за другите востанички реони. Тој регистрирал сѐ, го бележел името на секој загинат востаник, на секој убиен селанец, на секој предавник кого организацијата го осудувала на смрт. Денес се познати имињата на сите 478 лица од охридско-струшкиот крај кои загинале во востанието. За големата посветеност на македонското дело на Христо Узунов зборува и неговата средба со селаните од село Куратица, веднаш по трагичниот крај на востанието:

„Браќа, сонце сакавме, а ни искра не добивме. Нашата земја се натопи со пепел и крв, и за сѐ знаете, јас сум виновен. Еве ви се предавам, убијте ме, предајте ме, што сакате правете со мене.”

А потоа востаниците ќе му одговорат:

“Не, ти не си виновен. Ако раководството даде решение ние повторно ќе се кренеме.”

Христо Узунов за неуспехот на востанието чувствува голема грижа на совеста. Неговиот сограѓанин Огненов во едно писмо ќе му напише:

“Брату Арсение(надимак на Христо), тие за тебе имаат повеќе од добро мислење (се смета за сограѓаните), те сметаат за идеален, особено по заминувањето на твоите другари за Бугарија. Сите со гордост го споменуваат твоето име и се чувствуваат особено привилегирани ако некој од нив зборувал со тебе…”

Христо Узунов бил многу револтиран од заминувањето на другите членови во Бугарија, иако тој никогаш не престојувал во Софија, туку останал во татковината каде настојувал борбите да продолжат.

На 24 април 1905 година, од Крушево заминал за кичевско, придружуван од страна на 14 соработници и револуционери, добро вооружени четници и двајца војводи, Ванчо Србаков и Пецето сѐ со цел да го исполнат решението за егзекуција на петнаесетмината ренегати во една ноќ. Но,во кичевското село Цер биле опколени од многуброен турски аскер со артилерија. Тие не примиле никаква помош па биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. Војводата Ванчо Србаков решил на свој ризик, со фрлање на бомби да се обиде да се пробие низ огнот, во кој сепак не успеал. За да не им паднат живи во рацете на Турците живи , тој и неговите 13 соборци се самоубиле.

Писмото на Христо Узунов до сите чесни револуционери:

Браќа,
Допуштам да сме предадени, но верувам и дека е тоа случајно. Ванчо излезе и беше убиен уште во 10 и три четврти раното, а исто така и четникот Јонче од Дворци (Кичееско), кој беше со Пецо.
Мојата архива е распрсната низ целото село. Им ја доверив на три жени, кои не ги познавам. Ванчо исто така ја оставил архивата кај една жена, но не ја знам. Побарајте ја, ќе ја најдете.
Причината зошто не ризикуваме да удриме утринава беше во тоа што од 7 – 8 страни ни отворија оган, па мислејќи дека се мнозина, решивме да се бориме, макар и против поголеми сили, кои што ги очекуваме да дојдат.
Уверен дека не ќе бидеме спасени, за последен пат Ви испраќам братски поздрави на сите другари и пријатели.
Спроти карпата каде што сме сега, го оставив во една дупка на ѕидот моето кесе со четири и пол наполеони, една лира и околу 40 гроша. Тоа се Охридски пари.
Мојот последен совет до сите другари е да бидат искрени кон делото сите оние коишто му служат, зашто само искреноста и често срдечноста ја издигнале внатрешната организација и пак тие ќе ја спасат од аномалноста во која е поставена од недобросовесни наши другари. Да гледате колку што е можно побрзо да ги уништите оние досега раководни сили во Организацијата, кои му нанесле штета на делото, како што е Сарафов, а не да се накажуваат само прости работници.
Нашата идеја ќе биде постигната, ете зошто ќе умрам спокоен, со чиста совест пред законите на нашата света Организација.
Досега намерно со ништо не сум му напакостил на Делото, а ако сте забележале во мене некои грешки, бидете уверени дека тие станале против мојата волја. Молам извинување.
Молам особено да ја поздравите мојата љубезна мајка, којашто никогаш не сум ја заборавил, бидејќи таа ме направи ваков. Нека ме извини и таа дека со ништо не се зарадувала од мене. Особено го поздравувам брат ми Ангеле. Го добив неговото последно писмо и останав задоволен. Да оди во истиот пат што ми го соопшти во писмото. Го советувам да не се одделува од мајка ми. Поздравете ги и роднините.
За последен пат ќе ви повторам. Бидете искрени и пазете основните закони на Орган.Устав.
Останувам со братски бакнежи.
Христо Узунов
Давајќи и го писмото на Спировица (која при земањето била ранета) и подвикнал:
“Последен пат збогум сестро, кажи им на другарите дека славно ќе умрам, смртта е последна кога нема слобода. Нека бидат уверени дека делото ќе победи. Македонија ќе роди нови борци, ние ќе живееме во спомените ваши. Кажете им дека сме предадени.”

Писмо на Христо Узунов до неговата мајка

“Мила ми мајко,
Јас сум прв твој син и мој долг е да бидам околу тебе, за да не чувствуваш потреба од ништо. За твојата беспределна љубов, за илјадите неволи и сраданија, за безбројните бессони и машителни ноќи, поминати некогаш над леглото над твојот мал, слабичок Луле, јас должам најголеми грижи и неизмерна синовска љубов. Но, можам ли, кога ги чувствуам болките на нашата измачена Татковина, да не се оддадам со љубов на најверен син на нејзиното свето дело?

– Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила.
Те молам – во името пак на моите свети чувства кон тебе – да не жалиш, ни да плачеш за мене. Најдоволен ќе се чувствувам, ако ти со своето држење бидеш за пример на другите мајки и сопруги”

 

ЛЕГЕНДИ | Transitions: 0 | Date: 2017-03-01

Логирај се
Пребарубач
Пријатели
  • uCoz Community
  • uCoz Manual
  • Video Tutorials
  • Official Template Store
  • Best uCoz Websites
  • mreza.mk
  • kurir.mk
  • sitel.mk
  • republika.mk
  • skopjeairporttaxi.com.mk

  • Мрежа - Медиа © 2002 - 2024
    www.mreza.mk