Forever Macedonia
macedonia.ucoz.com
Thursday, 2024-11-21, 11:19 AM
Дома | Профил  | Log In Welcome Guest | RSS
Мени
Анкета
Оценнка за мојкот сајт
Вкупно одговори: 259
Chat macedonia
Статистика

Total online: 4
Guests: 4
Users: 0

Јанаки Манаки



Јанаки Манаки (с.Авдела, Костурско, 1878 - Солун. 1948), македонски фотограф од влашко потекло, снимател и пионер на филмот на Балканот. Во 1905 година во Битола (тогаш Манастир, Отоманска Империја), заедно со помладиот брат Милтон, го снимаат првиот балкански филм. Во нивна чест во Битола се одржува Меѓународен филмски фестивал „Браќа Манаки".

Јанаки Манаки е роден во 1878 година, во малото село Авдела, во близина на градот Гравена (Костурско), во влашко (арумунско) имотно семејство. Родителите се занимаваат со сточарство, како и со финансиски трансакции (кредитирање), што ќе допринесе тие да го зголемат своето богатство.

Основното училиште го завршува во родното место. Благосостојбата во семејството му овозможува да се школува во Романската гимназија во Битола, каде за време на школувањето покажува посебен интерес за цртање, калиграфија (убаво пишување) и фотографија. Времето поминато во Битола ќе остави трајни спомени  и тој посебно го засакува градот во кој ги поминува своите младешки денови.

По дипломирањето, во 1898 година, се вработува како учител по цртање и калиграфија во Романската гимназија во Јанина. Истовремено, добрата имотна состојба му овозможува да отвари фотографско атеље, каде што почнува професионално да се занимава  со фотографија. Во дуќанот му помага и помалиот брат Милтон, кој љубовта кон коњите и таблата ја заменува со љубовта кон фотографскиот занает. Покрај уметничката фотографија тие ги бележат и историските настани кои во тоа време се редат како на филмска лента.

Најновите истражувања укажуваат дека во 1903 година, Јанаки  објавува серија илустрации во романскиот весник „Универзум" (Iniversul), од кои повеќето се репродукции направени според фотографии посветени на настаните за време на Илинденското востание. Иако, најчесто непотпишани од објективни причини, текстовите кои ги следат илустрациите, фактографски јасно и прецизно ги објаснуваат настаните, со повремени искажувања на симпатии за македонските востаниците. Непотпишаниот „воен репортер" од Македонија, кој се поврзува со името на Јанаки Манаки, јасно ги дефинира македонските востаници и прави разлика меѓу Бугари и Македонци. Зборувајќи за конфликтот меѓу членовите на ВМРО и Бугарите, авторот уште во извештаите од 1903 година прави разлика меѓу Македонци и Бугари.

Како и да е, имајќи го во предвид фактот дека барем дел од фотографиите се направени од Јанаки и неговиот помал брат Милтон, нема да биде претерано доколку се каже дека тие биле истовремено првите воени репортери или пак само први воени фотографи од Македонија. Се до 1904 година,  кога андартите го запалиле неговото родно село, Јанаки ги следи настаните на теренот и ја развива уметноста на фотографијата во овој регион.

По уништувањето на нивното село, браќата заминуваат во Битола, каде купуваат празно дворно место на главната улица, позната како Широк-Сокак. Според сопствен проект, градат атеље, што им овозможува непречено времено продолжување на фотографската дејност. Во 1905 година, Јанаки се определува трајно да се насели во градот на својата младост. Тој го сели своето студио во Битола и заедно со братот Милтон, пред надлежните во градот, го регистрираат под име „Атеље за уметничка фотографија" како здружени сопственици, за разлика од Јанина каде тој се водел само на Јанаки.

Во 1905 година, Битола е важен политички, економски и културен центар на Балканот. Јанаки, со истенчени чуства за пулсот на големиот град и историските моменти, го регистрира умирањето на старото и раѓањето на новото време. Во 1906 година, браќата Манаки учествуваат со фотографии на големата Светска изложба во Букурешт, Романија. Јанаки Манаки од Битола, Македонија, добива златен медел и „Диплома за фотографии и лица од Македонија" и сребрен медал со „Диплома за фотографии од влашки цркви во Македонија". Неговиот брат Милтон исто така за колекција фотографии бил добитник на златен медал и диплома. На покана на неговото Величество кралот Карл I, браќата Манаки одат во кралската летна резиденција во Синаја, каде биле назначени за официјални фотографи на кралското семејство. За време на посетата направиле фотографии на кралот Карл I и кралицата Елизабета.

За време на Светската изложба во Букурешт  и при посетата на кралскиот дворец има можност да се запознаее со филмската камера. Фасциниран од подвижната слика, Јанаки посетува неколку европски престолнини за да набави камера. Патувајќи за Париз, Јанаки прво застанува во Виена, а потоа на кратко се задржува во Лондон каде наидува на бараниот апарат. Тоа беше историски настан за него и Јанаки го купува тристотиот примерок од серијата „Биоскоп", произведен од компанијата "Charles Urban Trading”. Оваа фамозна „камера 300" која Јанаки ја испраќа на брат му Милтон. во рацете на младиот вљубеник на фотографијата, се претвора во инструмент со историско значење. Од тој момент започнува историјата на балканската кинематографија.

Додека Милтон Манаки снима во атељето, на терен или пак ги обработува фотографиите, дотогаш Јанаки, којшто е ликовно образован, се грижи за уметничкото водство и естетските вредности на нивните дела. Првите „подвижни слики", браќата Манаки ги прават во родното село Авдела. Тие ја овековечуваат нивната 114 годишна баба, Деспина, како ткае заедно со други ткаачки од селото.  Со овој документарен филм, браќата го започнуваат огромниот богат кинематографски опус, кој е сведоштво на своето време. Како дворски фотографи на романскиот и турскиот двор тие заеднички регистрираат и документираат низа значајни настани, манифестации и личности од почетокот на XX –от век. Во текот на овој бурен историски период, тие ќе ги забележат не само познатите снимки на турските репресалии врз македонскиот народ по Илинденското востание, туку и прекрасни записи за народни обичаи, верски ритуали и прослави.

Од нивната богата и плодотворна работа се зачувани повеќе материјали меѓу кои треба да се спомнат: „Влашкото училиште во Адела" или „Училиште на отворено’ (1905), „Прославата на Ѓурѓовден", „Македонски ора", „Влашка свадба", „Македонска свадба во Битолско", „Репресии врз македонското население во Битола", „Прослава на Св. Кирил и Методиј" (1905-1908), „Панаѓур кај Св. Недела во Битола и на други места"(1907), „Бесењето на Илинденци"(1908),  „Посетата на султанот Мехмед Решад Петти во Солун и во Битола" (1911), „Романскиот министер Истрате ги посетува Битола, Гопеш и Рсен", „Посета на принцот Александар во Битола" и др.

Иако во најголем дел се занимава со уметничка фотографија, Јанаки бил прогонуван од турските власти поради политички активности. Исто така, за време на Првата светска војна Јанаки бил прогонуван и апсен од бугарските окупаторски власти во 1916 година.

Јанаки бил добро образован и со европски манири. Добро го владее францускиот јазик, што му овозможува да се движи меѓу дипломатскиот кор и културните кругови во Битола. За кусо време ја афирмирал фотографска работа во градот, така што браќата се здобиле со муштерии во сите слоеви на битолското општество, вклучувајќи ги и дипломатите. Покрај работата во фотографското атеље и снимањето со филмската камера, браќата Манаки се занимаваат и со киноприкажувачка дејност.

Во 1921 година, Јанаки со братот го отвораат првото летно кино „Манаки" на Широк Сокак (битолското корзо), а на 26 август тие го прикажуваат првиот филм под отворено небо. Летното кино било времено решение, кое ни ги задоволувало потребите на браќата Манаки. Подоцна тие ќе изградат нова зграда во која првата кинопретстава ќе се одржи на 1 декември 1923 година. Киното работи со променлив успех и менува неколку сопственици, за да изгори до темел во 1939 година.

Во 1935 година, Јанаки Манаки се преселува во Солун каде живее се до својата смрт во 1948 година. Зачуван е огромен фонд  од фотографии и филмски материјали, кои во текот на својот живот сам или со неговиот брат Милтон ги создаваал.

Делото на Јанаки Манаки, од кое блика конзистетна и естетски вредност, добива нови историски димензии и пртставува непроценлив придонес за македонската национална историја и култура, како и за културата и историјата на балканските народи, но, воопшто и за светската културната ризница.

Логирај се
Пребарубач
Календар
«  November 2024  »
SuMoTuWeThFrSa
     12
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
Архива
Пријатели
  • uCoz Community
  • uCoz Manual
  • Video Tutorials
  • Official Template Store
  • Best uCoz Websites
  • mreza.mk
  • kurir.mk
  • sitel.mk
  • republika.mk
  • skopjeairporttaxi.com.mk

  • Мрежа - Медиа © 2002 - 2024
    www.mreza.mk